Ако сте човек со визија за свој бизнис, мотив за „сам свој газда“, енергија да се борите со предизвиците, тогаш овој Оглас е токму за вас.
Прочитајте и дознајте повеќе за можноста да добиете неповратна финансиска помош од 615.000,00 денари од Буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и да основате свој бизнис.
За сите дополнителни прашања Ве очекуваме да дојдете во Центарот за вработување и да видите за што станува збор!
Врз основа на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, усвоен од Владата на Република Северна Македонија за Програмата 1.2 Поддршка за Самовработување (Претприемништво) -невработени млади лица до 29 години, финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, на ден 09.06.2025 година се објавува
ЈАВЕН ПОВИК
до
невработените млади лица до 29 години
Се охрабруваат невработени лица со минимум завршено основно образование, со претприемачки дух, со визија да основаат свој бизнис да аплицираат во Програмата 1.2 Поддршка за Самовработување (Претприемништво)-невработени млади лица до 29 години
Се повикуваат:
- Корисници на гарантирана минимална помош до 29 години
- Невработени млади лица до 29 години
- Жени-жртви на родово базирано насилство и жртви на семејно насилство до 29 години
- Невработени млади лица до 29 години кои сакаат да го формализираат својот бизнис
- Невработени лица Роми до 29 години
- Невработени лица повратници до 29 години
кои своето вработување сакаат да го решат со финансиска поддршка преку Програмата Поддршка за Самовработување (Претприемништво), да се пријават во работните клубови на центрите за вработување на АВРСМ со цел аплицирање за учество во програмата
Програмата Поддршка за Самовработување (претприемништво) обезбедува:
- oбука за „Претприемништво и развивање на бизнис вештини
- ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите ;
- неповратни средства (грант) во износ до 615.000,00 денари, со вклучен ДДВ;
- грантот ќе се добие на наменска сметка (согласно Оперативните Упатства) со приложување на профактури за набавка на опрема и/или материјали и /или готови производи за понатамошна продажба согласно спецификацијата на бизнис планот;
- финансиска поддршка за дополнително вработување за бизниси основани од лица со Попреченост
- Советодавна/менторска поддршка во период од 6 месеци од основањето на бизнисот ќе се обезбеди за следните целни групи:
o млади лица до 29 години;
o лица со попреченост;
o припадници на ромската заедница;
o жени од рурални средини кои што ќе отворат бизнис од земјоделска дејност;
o жени од ранливи категории (приматели на парични права по основ на социјална заштита, жртви на семејно насилство, жртви на трговија со луѓе, самохрани мајки и социјално исклучени жени по основ на технолошки вишок и стечај).
Заинтересираните лица за учество во Програмата можат да аплицираат до 20.06.2025 година
Лицата кои добиле грант за Самовработување во изминатите години, немаат право да аплицираат за учество во Програмата.
Лицата кои имале статус на основач и управител 12 месеци пред аплицирање за оваа програма немаат право на учество за истата дејност.
Преку програмата нема да се поддржи основање на бизниси во следните дејности:
- Земјоделска дејност, односно дејност од Сектор А/А, Оддел 01 – Растително и животинско производство, лов и услужни дејности поврзани со нив, со исклучок на органско земјоделско производство;
- Бизниси во дејност од класа 49.32 - Такси служба;
- Производство и дистрибуција на оружје, односно дејност од класа 25.40 – Производство на оружје и муниција;
- Финансиски и осигурителни бизниси и активности кои вклучуваат игри на среќа, односно дејност од Сектор K/И – Финансиски дејности и дејности на осигурување.
- Приватни агенции за вработување
По исклучок од Точка 1 и 2, невработените лица со попреченост ќе можат да регистрираат правен субјект во земјоделска дејност и такси служба, додека невработени жени од рурални средини ќе имаат можност да регистрираат правен субјект во земјоделска дејност.
Правото за учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја поодделна програма односно мерка за вработување, како и врз основа на основни принципи кои треба да се почитуваат при имплементацијата на програмите и мерките за вработување, како и услугите на пазарот на трудот, односно
- Принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор согласно принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или било која друга ранлива категорија на граѓани,во согласност со стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот ;
- Поттикнување на рамномерен регионален развој, во согласност со податоците од Бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони во Република Северна Македонија, притоа земајќи ги во предвид и бројот на евидентирани невработени лица во центри за вработување кои припаѓаат во регионот
v Правата и обврските помеѓу АВРСМ и учесниците во програмата ќе бидат уредени со склучување на меѓусебен договор.
Пријавата за учество треба да се поднесе во работниот клуб во центрите за вработување, секој работен ден од 08:00 – 14:00 часот. Сите заинтересирани можат да добијат детални информации за мерката во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, контакт центарот 02-3111-850 и веб страните www.av.gov.mk .