ЈАВЕН ПОВИК Бр. 1, ПКФ-COVID за поднесување на апликации за директна финасиска поддршка

Објавено на - март 24 , 2020

ЈАВЕН ПОВИК Бр. 1, ПКФ-COVID


Врз основа на Законот за Македонска банка за поддршка на развојот (Сл.весник на Република Македонија бр.105/2009) и Договорот за администрирање на Посебниот кредитен фонд (ПКФ) број 21 – 307/1 од 24.01.2011 година, Анексот кон договорот за администрирање на Посебен кредитен фонд заведен кај налогодавецот под бр.02–10369/1 од 31.08.2018 година и кај МБПР под бр.26–2132/1 од 31.08.2018 година и Анексот кон договорот за администрирање на посебен кредитен фонд заведен кај налогодавецот под бр,13-12502/1 од 18.10.2018 година и кај МБПР под бр.26-2604/1 од 18.10.2018 година и Анексот кон договорот за администрирање на Посебен кредитен фонд заверен кај налогодавецот под бр.13-3095/1 од 24.03.2020 и кај РБСМ под бр.26-795/1 од 23.03.2020 година склучен помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, се распишува:


ЈАВЕН ПОВИК БР.1

за поднесување на апликации за директна финасиска поддршка на
трговски друштва и трговци поединци регистрирани во Република Северна Македонија
од 
Посебниот кредитен фонд

 

I. ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК

Предмет на овој јавен повик е поднесување на апликации т.е. кредитни барања за доделување на средства од Посебниот кредитен фонд (ПКФ), за директна поддршка на трговските друштва и трговци поединци регистрирани во Република Северна Македонија, со намена за обртни средства вклучително и средства за подобрување на ликвидноста на компаниите.
Средствата од Посебниот кредитен фонд се во сопственост на Владата на Република Северна Македонија.
Вкупниот расположив буџет за овој јавен повик изнесува 338.250.000,00 денари.

II. УСЛОВИ ЗА ОДОБРУВАЊЕ НА СРЕДСТВАТА

Средствата од Посебниот кредитен фонд ќе се доделуваат под следните услови:

Намена на кредитот:
За обртни средства вклучително и за подобрување на ликвидноста на компаниите.

Износ на кредитот:
Максималниот износ на кредитот кој ќе биде одобрен на кредитокорисникот не може да биде повисок од 1.845.000 денари, а минималниот износ на кредитот не може да биде понизок од 184.000 денари и тоа:
• на компании до 10 вработени, може да им се одобри кредит до 307.500 денари;
• на компании со 11 до 50 вработени, може да им се одобри кредит до 922.500 денари;
• на компании со 51 до 250 вработени, може да им се одобри кредит до 1.845.000 денари.

Бројот на вработени се зема од Билансот на успех од последната фискална година. Во случај да не постои ваков податок, кредитобарателот треба да поднесе изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност за бројот на вработени со 31.12.2019 година.
Кредитите се пласират во денари без девизна клаузула.

Начин на пласирање:
− Директно до кредитокорисникот.

Рокови на отплата:
− До 2 (две) години со вклучен грејс период од 6 (шест) месеци.

Критериуми за одобрување:
Квалификувани кредитокорисници се трговски друштва и трговци поединци активни во класата на дејности од Листата на класи на дејности предмет на финансирање од НКД (согласно основната дејност на друштвото-прилог 1) кои ги исполнуваат следните критериуми:
• регистрирани се во Република Северна Македонија;
• најмалку 51% кои се во приватна сопственост;
• немаат неплатени даноци и придонеси, освен ако на истите им е одобрено одложено плаќање на даноците и придонесите во согласност со посебните прописи и истите редовно ги плаќа;
• не се во постапка на стечај или ликвидација;
• работат подолго од 6 месеци и имаат поднесено годишна сметка во централен регистар;
• согласно финансиските извештаи за последната фискална година има главнина и резерви (наведен во билансот на состојба) не помалку од 50% од износот на бараниот кредит;
• согласно податоците од кредитен регистар на НРБСМ со состојба од 31.01.2020 година се во класификација подобра или еднаква на Б (се врши пресметка на просечна ризичност) или кои немаат кредитна изложеност;
• показателот за степенот на финансиска задолженост на компанијата треба да е помал од 4, а се пресметува како сооднос меѓу вкупни обврски по заеми и кредити/ главнина и резерви. Показателот се пресметува на база на биланс на состојба од последната фискална година;
• показателот за тековна ликвидност треба да е најмалку 0,9, а се пресметува како сооднос меѓу тековни средства и кратокорочните обврски. Показателот се пресметува на база на биланс на состојба од последната фискална година.

За кредитокорисник трговец-поединец не се применуваат критериумите од став 1 алинеа 8 и 9 погоре.


Каматна стапка за крајните корисници
Каматната стапка за кредитокорисниците се утврдува фиксно на износ од 0% на годишно ниво.

Обезбедување
Меница од кредитокорисникот авалирана од еден од сопствениците на кредитокорисникот, со менична изјава за уредување на правата и обврските по меницата во форма на нотарски акт со извршна клаузула. Трошоците за воспоставување на обезбедувањето се на товар на кредитокорисникот.

Останато
По одобрување на средствата, кредитокорисникот ќе склучи договор за кредит со РБСМ.

III. СУБЈЕКТИ КОИ ИМААТ ПРАВО НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА АПЛИКАЦИЈА ЗА КРЕДИТ
Право на поднесување на апликација за кредит имаат сите квалификувани кредитобаратели согласно овој повик, правни субјекти трговски друштва и трговци поединци регистрирани во Република Северна Македонија со максимален број на вработени до 250.

IV. ЗАДОЛЖИТЕЛНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Задолжителна документација која заинтересираниот субјект е должен да ја достави на јавниот повик е следната:
 Апликација/Кредитно барање (образец објавен на веб страницата на банката),
 Тековна состојба не постара од 6 месеци,
 Годишна завршна сметка, (со 31.12.2019)
 Доказ за немање на достасани неплатени даноци и придонеси кон државата, – Уверение од УЈП
 Доказ за немање постапка за стечај и ликвидација, – од Централен регистар на РСМ
 ЗП образец,
 Изјава за поврзаност со други правни/физички лица, (образец објавен на веб страницата на банката)
 Изјава за постоење својство на носител на јавна функција, (образец објавен на веб страницата на банката)
 Изјава за проверка на кредитна изложеност. (образец објавен на веб страницата на банката) 

V. КРИТЕРИУМИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА СРЕДСТВАТА
Квалификуван кредитокорисник кој ги исполнува критериумите за одобрување на кредит по принципот прв дојден, прв услужен

VI. ИЗГОТВУВАЊЕ И ПОДНЕСУВАЊЕ НА АПЛИКАЦИЈАТА ЗА КРЕДИТ
Апликацијата за учество на јавниот повик со комплетната документација се доставува исклучиво по е-маил на следната адреса: kreditiranjecovid1@mbdp.com.mk.  Во предметот на е-маилот со кој се доставува апликацијата да биде наведено COVID1.
Кредитобарателот може да аплицира само за едно кредитно барање.

VII. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Апликациите по јавниот повик се доставуваат во рок од 30 дена сметано од 26.03.2020 година.

Документите кои се доставуваат на јавниот конкурс се неповратни.
Неадекватните и некомплетни апликации нема да се разгледуваат.
Банката не сноси никакви трошоци настанати со подготовка, составување и доставување на апликациите, така што учесникот на јавниот повик нема право на надомест на било какви трошоци по основ на учество на овој јавен повик.
Банката благовремено, на email-от наведен во барањето од кредитобарателот и/или од Тековната состојба ќе ги извести апликантите за резултатите од јавниот повик.

Сите информации и образци поврзани со јавниот повик, може да се најдат на веб страната на банката www.mbdp.com.mk

ПРИЛОГ 1:
Листа на дејности од НКД кои може да аплицираат за кредитната линија

Шифра Н а з и в
49.10     Патнички железнички транспорт, меѓуградски
  49.41   Товарен патен транспорт
52.21     Услужни дејности поврзани со копнениот превоз
52.24     Претовар на товар
52.29     Останати придружни дејности во превозот
55.1     Хотели и слични објекти за сместување
55.10     Хотели и слични објекти за сместување
55.2     Одморалишта и останати објекти за пократок престој
56.1     Ресторани и останати објекти за подготовка и послужување на xрана
56.10     Ресторани и останати објекти за подготовка и послужување на xрана
56.29    Останати услуги за подготвување и служење на xрана
56.3    Подготовка и послужување на пијалаци
79.1    Дејности на туристичките агенции и организаторите на патувања (туроператори)
79.11    Дејности на туристичките агенции
79.12    Дејности на организаторите на патувања (туроператорите)

 


СИТЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ КОИ САКААТ ДА АПЛИЦИРААТ, ПОВЕЛЕТЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК: ПКФ-COVID

ПДФ од Јавниот повик бр. 1